Македонско

Успешна македонска приказна – Ратко Захариевски

Успешна македонска приказна – Ратко Захариевски

Успешна македонска приказна – Ратко Захариевски


Јас сум Ратко Захариевски, роден на 3 декември 1960 година, од село Костин Дол, Општина Македонска Каменица. Од 2019 година се занимавам со производство на шафран - најскапиот зачин во светот. Луковиците за садење ги набавив од Холандија, со цел да започнам производство со квалитетен саден материјал.

Фотографија 1 (Цвет-Опис: Од секој цвет рачно се издвојуваат само три црвени нишки, од кои се добива најквалитетниот шафран)

Ваши почетоци – Раскажете за вашите почетоци во земјоделството/преработката. Што ве инспирирало да започнете? Како започна Вашата приказна?


Мојата приказна започна во 2019 година. Одлучив да започнам со производство на шафран затоа што сакав да се занимавам со нешто ново, вредно и поинакво. Иако ова производство беше речиси непознато во Македонија, верував дека природните услови во Костин Дол се погодни за одгледување на оваа култура. Со многу труд, трпение и посветеност ги направив првите насади.

Фотографија (садење на луковици)


Предизвици и пречки – Со какви предизвици се соочивте на почетокот? Како ги надминавте? Дали имавте поддршка?


Во производството на шафран не се соочивме со поголеми предизвици. Најголем предизвик претставува обезбедувањето на работна сила во периодот на садење и берење, бидејќи најголем дел од работата се извршува рачно. Со помош од семејството и добра организација успешно ги реализиравме сите активности во производството. Цветовите се берат рачно во раните утрински часови, а потоа внимателно се издвојуваат црвените нишки. Најголем предизвик денес останува пласманот на производот, бидејќи домашниот пазар сè уште не е доволно развиен.

Фотографија (Берба на шафран)

Успех и постигнувања – На што сте најгорди? Што сметате за ваш најголем успех? Како придонесувате за економијата и заедницата? Како реагираат купувачите?


Најгорд сум што успеав да произведам врвен шафран и да покажам дека оваа култура успешно се одгледува и во Македонија. Голем дел од потрошувачите не сè целосно запознаени со шафранот, неговата вредност и неговата примена. Верувам дека со промоција, едукација и поголема подршка за младите производители, македонскиот шафран може да стане препознатлив и надвор од локалните рамки.

Фотографија (сушење на шафран)

Фотографија (пакување на шафран)

Заедница, традиција и иновации – Како ги комбинирате македонската традиција со модерните техники во вашето производство? Како вашата работа придонесува за локалната заедница?


Со моето производство воведувам нова земјоделска култура во Македонија и покажувам дека и во руралните средини може успешно да се произведуваат високовредни производи. Верувам дека ваквите примери можат да ги мотивираат младите да останат и да работат во своите родни места.

Поглед кон иднината – Кои се вашите планови за развој? Што сметате дека треба да направи државата за да бидете уште поуспешни?


Мојата цел е да ги проширам насадите и да обезбедам подобар пласман за македонскиот шафран. Потребна е поголема поддршка за малите производители преку промоција, организиран откуп и отворање нови пазари.

Порака до јавноста – Што би им порачале на младите? Кој е вашиот апел до потрошувачите?


На младите им порачувам да не се плашат да започнат нешто ново. Земјоделството има иднина ако се работи со љубов, знаење и упорност. До потрошувачите упатувам апел да ги поддржуваат домашните производи, бидејќи така директно им помагаат на македонските производители.


Мислење за кампањата „Македонско најдобро“ – Што значи за вас? Дали придонесува? Што би сакале да видите понатаму?


Направив профил на „Македонско најдобро” со цел полесно да го пласирам мојот шафран, бидејќи продажбата е сè уште слаба. Верувам дека ваквите кампањи им помагаат на малите производители да станат попрепознатливи и полесно да стигнат до купувачите.

#Новини