Успешна македонска приказна – Владо Орданов
Успешна македонска приказна – Владо Орданов
Јас сум Владо Орданов од село Сирково, општина Росоман. Долги години се занимавам со земјоделство, поточно со производство на овошје.
Во моите овоштарници одгледувам праски, кајсии, нектарини, цреши, сливи, јаболка, круши, дуњи, бадеми и лешници.
Покрај производството, се занимавам и со откуп на овошје. Располагаме со ладилници каде што се врши складирање и подготовка на производите, по што производите се пласираат и извезуваат низ цела Македонија, како и во странство.
Исто така, поседувам земјоделска аптека, преку која нудам средства и препарати за заштита и прихрана на земјоделските култури.
Моите овоштарници се наоѓаат во атарот на село Сирково.
Ваши почетоци – Раскажете за вашите почетоци во земјоделството/ преработката. Што ве инспирирало да започнете? Како започна вашата приказна?
Доаѓам од земјоделско семејство кое со генерации се занимава со обработка на земја и производство на земјоделски производи. Роден сум и израснав со љубов кон земјата, трудот и чесната работа. Нашата приказна е пример дека со упорност и посветеност може да се создаде успех.
Од мали нозе сум вклучен во земјоделските работи и учев од моите родители и дедовци. Почнавме со помало производство, а со текот на времето го проширивме работењето со нови насади и современи методи.
Предизвици и пречки – Со какви предизвици се соочивте на почетокот? Како ги надминавте? Дали имавте поддршка?
Најголеми предизвици се временските услови, високите трошоци и нестабилниот пласман.Но, со работа, трпение и поддршка од семејството успеваме да ги надминеме сите пречки.
Успех и постигнувања – На што сте најгорди? Што сметате за ваш најголем успех? Како придонесувате за економијата и заедницата? Како реагираат купувачите?
Најголем успех ни е што успеавме да го зачуваме семејниот бизнис, да напредуваме и да обезбедиме квалитетни производи за пазарот.Горди сме што нашиот труд е препознаен. Еден од најголемите успеси е што семејството остана покрај мене.
Заедница, традиција и иновации – Како ги комбинирате македонската традиција со модерните техники во вашето производство? Како вашата работа придонесува за локалната заедница?
Ја негуваме традицијата што сме ја наследиле од нашите родители и предци, кои со години се занимавале со земјоделство и чесна работа. Тоа искуство и љубов кон земјата денес го продолжуваме ние, но истовремено вложуваме и во современи решенија за подобро и посигурно производство. Со таа цел набавивме машина за заштита од мраз, која ни помага во најкритичните периоди да го зачуваме родот и да ги намалиме штетите од временските непогоди. Покрај тоа, работиме и на подобра организација на производството и пласманот. Имаме обезбеден откуп на производите, а дел од овошјето што се произведува кај нас се извезува и надвор од државата. Тоа е голема потврда дека со спојување на традицијата, квалитетот и новите технологии може да се постигне успех и напредок.
Поглед кон иднината – Кои се вашите планови за развој? Што сметате дека треба да направи државата за да бидете уште поуспешни?
Во иднина планираме понатамошно проширување и модернизација на производството, со воведување нова механизација и современи технологии кои ќе го олеснат работењето и ќе го зголемат квалитетот. Целта ни е да ги зголемиме насадите, да обезбедиме уште подобар пласман и да продолжиме со извоз на домашното овошје.
Исто така, сакаме младите генерации да останат и да се вклучат во земјоделието, за да се продолжи семејната традиција и трудот што со години се градел.Веруваме дека со работа, упорност и поддршка, земјоделието има сигурна и успешна иднина.
Порака до јавноста – Што би им порачале на младите? Кој е вашиот апел до потрошувачите?
Младите ќе имаат иднина во земјоделието.
Мислење за кампањата „Македонско најдобро“ – Што значи за вас? Дали придонесува? Што би сакале да видите понатаму?
Македонија има плодна земја и вредни луѓе,а тоа е нашето најголемо богатство. Ако младите останат, работат и вложуваат во својата земја, иднината ќе биде уште подобра. Кампањата за македонски производи е многу значајна бидејќи ги поттикнува граѓаните да ги поддржат домашните производи, домашните производители и македонската економија. Со купување македонско, се вложува во трудот на нашите луѓе и во развојот на државата.
