Македонско

Успешна македонска приказна – ДАНИМЕС ДООЕЛ

Успешна македонска приказна – ДАНИМЕС ДООЕЛ

Успешна македонска приказна – ДАНИМЕС ДООЕЛ


Јас, Михајлов Драги, сопственик на ДАНИМЕС ДООЕЛ од село Суво Грло Штип. Главна дејност ми е сточарство, кое се наоѓа во село Суво Грло општина Штип, на ридско планинско подрачје под планината Серта.

Ваши почетоци – Раскажете за вашите почетоци во земјоделството/преработката. Што ве инспирирало да започнете? Како започна Вашата приказна?


Јас сум тука роден во с. Суво Грло и со сточарство се бавеле мојот дедо, исто така мојот татко, и јас продолжив во тој бизнис, со огромно задоволство ја работам оваа дејност веќе 30 години.


Предизвици и пречки – Со какви предизвици се соочивте на почетокот? Како ги надминавте? Дали имавте поддршка?


Со мојата сопруга Даниела чуваме бројка од 800 грла овци, овчеполка, со која сме задоволни. Оваа сорта одговара на нашиот терен (паша) затоа што полето ни е зафатено со овоштарници кои се дадени под концесија. Тоа беше дел паша, дел селски приватни ниви, а за стоката никој не се грижи.


Успех и постигнувања – На што сте најгорди? Што сметате за Ваш најголем успех? Како придонесувате за економијата и заедницата? Како реагираат купувачите?


Јагнето се извезува по цена од 210 денари, која е ниска во однос на трошоците. Млекото го преработуваме во бело овчо сирење во мојата мандра во село Суво Грло, која е регистрирана. Цената на сирењето е 600 денари за килограм, од кое купувачите се задоволни од квалитетот. Исто така произведуваме урда, која по ферментацијата ја обработуваме со пипер, од која муштериите се презадоволни.

Заедница, традиција и иновации – Како ги комбинирате македонската традиција со модерните техники во вашето производство? Како Вашата работа придонесува за локалната заедница?


Сакавме да изградиме млекара за традиционално овчо сирење, кашкавал и други млечни производи за извоз, но поради неурбанизирано земјиште, во тоа не успеавме.


Поглед кон иднината – Кои се Вашите планови за развој? Што сметате дека треба да направи државата за да бидете уште поуспешни?


Сметам дека државата треба да помогне во сточарството со обезбедување паша, вода и патишта до фармите, да даде лактофризери затоа што тие мал број сточари што останавме да продолжиме со чување овци. Државата пасиштата ги дава за ловишта со што се заштитуваат дивите животни, а ние претрпуваме штета од волци по неколку илјади евра годишно. Да ги зголеми субвенциите и повторно да воведе подршка за задржано женско јагне кое нас не чини 200 евра, а државата ја укина таа мерка што значи без подмладок нема сточарство.


Порака до јавноста – Што би им порачале на младите? Кој е вашиот апел до потрошувачите?


Јас би им порачал на младите нека работат на своето затоа што во Македонија има иднина. Потрошувачите нека купуваат природно, ТОА Е - МАКЕДОНСКО НАЈДОБРО.


Мислење за кампањата „Македонско најдобро“ – Што значи за Вас? Дали придонесува? Што би сакале да видите понатаму?


Кампањата МАКЕДОНСКО НАЈДОБРО е одлична идеја за нас што произведуваме природно, домашно, традиционално овчо бело сирење и урда, затоа што потрошувачите ги заборавија тие вкусови на природно. Сметам дека со оваа реклама ќе се зголеми побарувачката.

#Новини