Македонско

Успешна македонска приказна - ВИПРО

Успешна македонска приказна - ВИПРО

Успешна македонска приказна - ВИПРО


Випро како фирма и бренд е создаден во 1992 година од страна на приватен претприемач Виктор Петков од Гевгелија. Идејата ни беше со јасен мотив, желба и визија за производство на храна - да го споиме традиционалното со современото. Почетни предизвици ни беа замена на одредени увозни производи со слични, но поубави домашни производи. Започнавме со безалкохолни пијалоци со тогашен бренд „Наја“, а потоа продолживме со производство и преработка на зеленчук и овошје. Во 2013 година се преселивме во нови фабрички простории во населеното место Прдејци, на парцела од околу 100.000 м2, 15.000 м2 покриени фабрички простории, проектиран капацитет 30.000.000 производни единици - каде што е и денес

.

Ваши почетоци – Раскажете за вашите почетоци во земјоделството/преработката. Што ве инспирирало да започнете? Како започна Вашата приказна?


Во 1997, за прв пат во нашето опкружување, Випро започна со производство на домашен ајвар кој имаше поинаква постапка отколку дотогашниот индустриски ајвар. Тука, во вистинско светло, го споивме традиционалното со современото, односно традиционална постапка на печење и рачно лупење на основната суровина – пиперка ајварка од Македонија ја воведовме во индустриски услови. Истовремено, постепено воведовме и редица други производи - таканаречени специјалитети добиени со преработка на зеленчук и овошје од нашето поднебје, користејќи ги домашните рецепти, Така до денеска достигнавме асортиман од преку 100 производи.

Предизвици и пречки – Со какви предизвици се соочивте на почетокот? Како ги надминавте? Дали имавте поддршка?


Како и секој почеток и ние имавме проблеми околу финансии, усовршување на постапката и соодветна опрема. Во тоа време моравме да проектираме и изработиме соодветна опрема која дотогаш ја немаше на нашиот пазар па и пошироко. Истото моравме да го напрвивме сами и со помош на локални работилници и мајстори. Истовремено, работевме на обезбедување соодветен менаџмент и организација за професионално да се вклучиме на пазарот во Македонија и посебно во светот. Стратегија на Випро беше да учествуваме на домашниот и меѓународниот пазар со здрава, вкусна и сигурна храна.

Успех и постигнувања – На што сте најгорди? Што сметате за Ваш најголем успех? Како придонесувате за економијата и заедницата? Како реагираат купувачите?


Наш најголем успех беше реализацијата на успешниот проект производство на домашен ајвар во индустриски услови, но со задржување на оригиналната постапка, рачната изработка и финеси како при домашно производство. Во 2000 година, со презентација преку нашата Стопанска комора во Брисел, ни беше доделена статуетка „Еурека Брисел“ како признание за нашиот успешен проект. Купувачите првата година реагираа сомничаво и испитувачки, но веќе наредната година, благодарејќи на успешната приказна, се бараше тегла повеќе. Наредните години беа години на експанзија – особено во Македонија. До 2002 година веќе имавме интерес и од САД, Канада, Англија и пошироко. Випро и Македонија за прв пат се промовираа пошироко во светот преку домашниот традиционален производ „Домашен ајвар“. Нашата експанзија со пласман продолжи и пошироко преку поранешните Југословенски држави, средна Европа, Источна Европа па се до Австралија и Нов Зеланд. Денес имаме извоз и директен и индиректен во повеќе од 20 земји во светот. Випро има над 20 светски признанија за квалитет: Еурека Брисел 2000 година, Сребрен медал од Њујорк 2005 година, редица златни и сребрени дипломи за квалитет од Новосадски Саем - Србија, плакета од Стопанска комора на Македонија 2013 година за инвестиции во производствен капацитет, плакета УСАИД 2008 година, Супербренд 2011/12 година, CEEMAN Словенија - Скриен шампион, награда „Stvaratelji stoljeca“ Дубровник 2016 година, Company wall - Статуа за исклучителни постигнувања 2024 година и други.

Заедница, традиција и иновации – Како ги комбинирате македонската традиција со модерните техники во вашето производство? Како Вашата работа придонесува за локалната заедница?


Производствениот процес е копија на домашното традиционално производство, применувано со векови на нашите подрачја,со доловување на вистинскиот шмек на домашно односно вкусот на традицијата. Истовремено, асортиманот е проширен со бројни традиционално производи: лутеница, пинџур, малиџано, разни закуски од зеленчук, разни мешавини од печен зеленчук, како и таканаречениот „кисел програм“ - благи и лути пиперки, цвекло, корнишони, маслинки, мешана салата итн. Понатаму како вообичаен производ од домашната зимница се наметна и киселата зелка која веднаш ја воведовме во нашиот производен програм. За повеќето од нив повторно се прилагодувавме со соодветна опрема која дел се правеше дел се увезуваше. Секако сето ова не можевме да го направиме сами и во истото се вклучија наши познаници, пријатели и работници, технолози и инженери од различни области. Випро во текот на годините воведе мноштво стандарди за безбедна храна како и усовршувања на самото производство. Од HAСCP преку ISO 22000 понатаму FSSC 22000, USA FDA регистрација, до денешниот широко признат IFS.

Поглед кон иднината – Кои се Вашите планови за развој? Што сметате дека треба да направи државата за да бидете уште поуспешни?


Нашите планови се постојано развојно насочени во поглед на усовршување на постоечкото производство, проширување на асортиманот и зголемување на производствените капацитети. Нашата визија за иднината е јасна – континуирано усовршување на постоечкото производство, проширување на асортиманот со нови, иновативни, но традиционално инспирирани производи, и зголемување на капацитетите за извоз. Веруваме дека македонската храна има огромен потенцијал на светскиот пазар.

Очекуваме државата да продолжи со поддршка на домашните производители преку:

  1. олеснет пристап до финансии и инвестиции во агроиндустријата,
  2. поддршка за извоз и промоција на македонски производи во странство,
  3. создавање услови младите да останат и да создаваат во својата земја.
  4. Олабавување и намалување на царинскате стапки за потребни земјоделски суровини од увоз би ни помогнало за поголем пробој и експанзија на меѓународните пазари.

Со заеднички сили, можеме да ја направиме Македонија препознатлива по квалитетна, здрава и автентична храна.

Порака до јавноста – Што би им порачале на младите? Кој е вашиот апел до потрошувачите?


Верувајте во својата идеја. Започнете со срце, со почит кон традицијата и со визија за иднината. Македонија има што да понуди – само треба да се охрабриме и да го покажеме тоа на светот.

На младите им порачуваме: не се плашете да сонувате и да започнете. Почнете со срце, со љубов кон она што го правите. Традицијата не е минато – таа е темел за иднината. Македонија има богатство од вкусови, знаења и вредности – само треба да ги претвориме во приказни што ќе ги раскажува светот.

На потрошувачите им благодариме за довербата. Вашата поддршка ни дава сила да продолжиме. Купувајќи македонски производ, не купувате само храна – туку вложувате во економијата, во локалните семејства, во иднината на нашата земја.

Мислење за кампањата „Македонско најдобро“ – Што значи за Вас? Дали придонесува? Што би сакале да видите понатаму?


За нас, оваа кампања е повеќе од маркетинг – тоа е признание, поттик и заедничка мисија. Таа ја слави македонската храна, култура и претприемништво. Преку „Македонско најдобро“, светот има можност да ја запознае вистинската Македонија – топла, вкусна и полна со дух.

Би сакале да видиме уште поголема вклученост на домашните брендови, поддршка за мали производители и заеднички настап на меѓународни саеми и платформи. Заедно, можеме да го направиме македонското – најдобро.


Випро дооел, Ул. Индустриска бр. 60 с. Прдејци, 1480 Гевгелија, тел. 072 223 225

#Новини