Успешна македонска приказна – Млечен пат
Успешна македонска приказна – Млечен пат
Млекара Млечен Пат се наоѓа во тиквешкиот регион во Кавадарци. Основана во 2019 година, оваа млекара е првата во регионот и денес претставува пример дека со труд, истрајност и љубов кон македонското може да се создаде успешна приказна.
Се наоѓаме на Бул. Моша Пијаде бр.26 во Кавадарци, а зад неа стојат Викторија Манева Кузманова и Марина Манева Јовановска .
Ваши почетоци – Раскажете за вашите почетоци во земјоделството/преработката. Што ве инспирирало да започнете? Како започна Вашата приказна?
Инспирацијата доаѓа од тоа што Тиквешијата е регион на виното и ракијата, ние на таа традиција сакавме да додадеме нов вкус - кашкавал и сирење, да создадеме производи кој ќе ја спојат македонската традиција со семејните вредности и ќе понудат квалитет кој купувачите можат да го почуствуваат во секој залак.
Предизвици и пречки – Со какви предизвици се соочивте на почетокот? Како ги надминавте? Дали имавте поддршка?
Една од првите пречки беше пандемијата со Ковид, а потоа следуваше и енергетската криза. Поддршка добивме од Развојна банка на Северна Македонија, а ги следиме и сите јавни повици што можеме да ги искористиме.
Успех и постигнувања – На што сте најгорди? Што сметате за Ваш најголем успех? Како придонесувате за економијата и заедницата? Како реагираат купувачите?
Најгорди сме на тоа што се повеќе купувачи се определуваат за вкусот на нашите производи.
Соработката со сточарите е уште една причина за гордост,сточарите со кои соработуваме се задоволни од нашата соработка.
Купувачите го препознаваат нашиот бренд, стануваат верни купувачи и нивниот број од ден на ден се зголемува – тоа е најголемото признание за нашата работа.
Заедница, традиција и иновации – Како ги комбинирате македонската традиција со модерните техники во вашето производство? Како Вашата работа придонесува за локалната заедница?
Нашето производство е чисто традиционално, и поради тоа што купувачите го препознаваат тоа, ќе останеме доследни на овој процес на производство.
По основањето на Млечен пат имаме чувство дека локалната заедница е среќна поради тоа што ги консумира нашите производи, а со локалната самоуправа имаме тесна соработка и редовно помагаме со нашите производи во сите нејзини настани.
Поглед кон иднината – Кои се Вашите планови за развој? Што сметате дека треба да направи државата за да бидете уште поуспешни?
Нашите планови за развој се да направиме уште неколку млечни производи од тврда програма.
Сметаме дека државата треба да ни обезбеди поволни кредити со помалку или без административни пречки и да направи поголема промоција на сите македонски производи, затоа што тие се меѓу најквалитетни.
Порака до јавноста – Што би им порачале на младите? Кој е вашиот апел до потрошувачите?
На младите би им препорачале добро да ги разгледаат можностите во Република Северна Македонија за да основат свој бизнис и семејство, затоа што тоа е единствениот начин за да бидат среќни во животот.
Нашиот апел до потрошувачите е да купуваат македонски производи затоа што сме најдобри, со висок квалитет и со самото тоа ќе придонесат за поголем економски развој и подобра благосостојба.
Мислење за кампањата „Македонско најдобро“ – Што значи за Вас? Дали придонесува? Што би сакале да видите понатаму?
Кампањата „Македонско најдобро” ја гледаме како многу добра и потрбна идеја.
Истата би се остварила доколку таа биде силно присутна во сите медиуми. Само така може да даде поттик во општеството и свесност дека со купувањето на македонски производи не само што ќе консумираат квалитет туку и ќе помогнат во развојот на економијата.
