Македонско

Успешна македонска приказна – Дием-ГП

Успешна македонска приказна – Дием-ГП

Успешна македонска приказна – Дием-ГП

 Дием-ГП е компанија за производство и преработка на овошје и зеленчук, основана пред точно 30 години, во 1995 година. Денеска, Дием-ГП е апсолутен лидер во оваа индустрија со годишен производствен капацитет од повеќе од 30.000.000 производни единици и годишен откуп на повеќе од 25 милиони килограми свежо македонско овошје и зеленчук.

Од мал погон со скромен капацитет, па се до активен извоз во повеќе од 40 држави; континуираната мисија на Дием-ГП е да биде амбасадор на македонскиот вкус насекаде низ светот.


Ваши почетоци – Раскажете за вашите почетоци во земјоделството/преработката. Што ве инспирирало да започнете? Како започна Вашата приказна?


Земјоделството има долга традиција во нашата земја, а беше и се уште е голема компаративна предност во однос на другите дејности.

Наместо продажба само на свежи земјоделски производи, целта беше да се направи производ со високо додадена вредност и да се “зачува и спакува” вкусот на македонската традиција.

Инспирирани од широко отворените врати на приватната иницијатива и можноста да се направи нешто свое, приказната на Дием-ГП започнува во Негорци пред 30 години, каде што двајцата браќа - Ѓорги и Петар Атанасови, заедно со нивниот татко Димитрије го прават првиот погон во близина на семејната куќа, со скромен капацитет.

Предизвици и пречки – Со какви предизвици се соочивте на почетокот? Како ги надминавте? Дали имавте поддршка?


Секој почеток е тежок, па така и почетоците на Дием-ГП не се исклучок од таа девиза. Имаше суровини и работници, но немаше соодветни репроматеријали и машини (технологија). Се вложија сопствени средства и се направи првиот мал погон во близина на семејната куќа.

Потоа, со многу желба, малку повеќе упорност и со уште повеќе работа, се започна со производството и полека, низ текот на годините, се пребродија сите предизвици кои што стојат на патот на речиси секоја нова комапнија.

Континуирано се вложуваше во проширување на капацитетите и во подобрувањето на сите производни и продажни процеси, за да може да стигнеме денеска таму каде што сме - респектабилна компнија и лидер во својата дејност, Дием-ГП денеска брои повеќе од 200 вработени и приходи поголеми од 30.000.000 евра.


Успех и постигнувања – На што сте најгорди? Што сметате за Ваш најголем успех? Како придонесувате за економијата и заедницата? Како реагираат купувачите?


Дием-ГП има многу причини за задоволство и за гордост на сите резултати кои што се остварени во овие 30 години. Горди сме на високиот квалитет на нашите производи по кои што сме препознатливи за сите купувачи. Потоа, брендот Баш Ајвар на кој што сме особено горди и кој нѐ претставува на повеќе од 40 извозни дестинации.

Горди сме и на фактот што го задржавме епитетот на семејна компанија и што низ сите компаниски сектори се вклучени членови од поширокото семејство. Горди сме на целиот наш колектив, кој што во секој предизвик ја докажува својата професионалност, упорност, знаење и желба за нови и поголеми успеси.

А, посебно сме горди на тоа што сме важен и стабилен партнер на македонското земјоделството - голем број на земјоделски семејства од целата држава, директно и индиректно го пласираат нивниот род во нашите преработувачки капацитети.

Заедница, традиција и иновации – Како ги комбинирате македонската традиција со модерните техники во вашето производство? Како Вашата работа придонесува за локалната заедница?


Македонската традиција и традиционалната кујна се вкомпонирани во секој наш производ. Производствените процеси се инспирирани и во нив се имплементирани сите традиционални техники што се негувале и се усовршувале со генерации.

Нормално, денеска производствените капацитети со кои што располага Дием-ГП, се со висока технологија, а притоа го отсликуваат традиционалниот процес на изработка на македонски традиционални производи. Имплементирани се највисоките светски стандарди за безбедност и за квалитет - стандарди кои што гарантираат висок квалитет и безбедност на готовиот производ, низ сите етапи на производството.


Поглед кон иднината – Кои се Вашите планови за развој? Што сметате дека треба да направи државата за да бидете уште поуспешни?


Како компанија, растеме од година на година, со стабилна стапка на раст. Планираме тоа темпо да го одржиме и во иднина.

За реализација на плановите, ќе ни биде потребно континуирано вложување во напредна технологија, вложување во луѓето за да можат да се борат со најновите предизвици на модерниот бизнис, како и со вложување во заедницата со која заеднички треба да реализираме поголеми произведени количини и со тоа да освоиме повеќе пазари.

Државата треба да создаде услови и амбиент за непречена работа на сите компании и останати чинители. Секоја дополнителна помош од државата во форма на различни иницијативи и директно или индиректно помагање на производството и поттикнувањето на потрошувачката, се и повеќе од добредојдени и ќе им овозможат на сите македонски компании полесно да се носат со секојдневните предизвици и полесно да ги пласираат македонските производи и услуги на светските пазари.


Порака до јавноста – Што би им порачале на младите? Кој е вашиот апел до потрошувачите?


На младите им порачуваме среќата и работата да ја најдат и да ја остварат во Македонија. Македонија е земја која што е многу богата со природни убавини и ресурси, но е уште побогата со млади луѓе кои што изобилуваат со креативност, борбеност и со желба за успех. Со напорна работа, може да се постигне сѐ.

На купувачите им порачуваме во нивниот фокус да бидат производите од македонските производители - само на тој начин, тие ќе можат да придонесат за македонската економија и ќе прераснат во сериозни компании кои што ќе бидат спремни за светски натпревар. Нормално, главната задача на македонските производители е да нудат максимално квалитетни производи кон сите, бидејќи тоа е единствениот начин да се стекне и да се задржи довербата од купувачите.

Мислење за кампањата „Македонско најдобро“– Што значи за Вас? Дали придонесува? Што би сакале да видите понатаму?


Кампањата “Македонско Најдобро” е идеја и концепт кој што не застарува и претставува добра основа за покажување на патриотизмот на дело, од сите производители и купувачи.

За да може да се успее надвор, прво треба да се успее дома. Иако извезуваме во повеќе од 40 земји, максимално го цениме македонскиот пазар и го негуваме преку нашиот ланец на 20-тина специјализирани маркети и преку соработката со другите малопродажни и големопродажни ланци.

Кампањата треба да трае континуирано и да резултира со активен придонес од сите македонски производители, како и со континуирана поддршка од сите купувачи.


#Новини