Македонско

Успешна македонска приказна – Извор

Успешна македонска приказна – Извор

Успешна македонска приказна – Извор


Нашата компанија во 2006 година го купува рибникот Извор во село Извор, Кичево. Во 2015 го купуваме нашиот втор рибник во близина на селото Белица, Македонски Брод. Денеска компанијата е предводена партнерски помеѓу татко и син, Тони и Виктор Димитриоски и има 30 вработени. Годишниот капацитет на производство на пастрмка изнесува околу 400 тона.

Ваши почетоци – Раскажете за вашите почетоци во земјоделството/преработката. Што Ве инспирирало да започнете? Како започна Вашата приказна?


Почетоците не беа лесни. Со самото купување на рибникот Извор во 2006 година, наследивме долг поголем од милион евра, во неисплатени трошоци и плати кон работниците. Со брза реорганизација и проактивни одлуки успеавме да ги надминеме пречките, да ги исплатиме долговите и да започнеме со стабилно производство. Инспирацијата, да се започне со оваа работа беше природна. Нашата компанија повеќе од 15 години се занимава со продажба на храна за риби, па купувањето на рибникот беше логичен следен чекор за развој и проширување на работата.

Предизвици и пречки – Со какви предизвици се соочивте на почетокот? Како ги надминавте? Дали имавте поддршка?


Предизвиците беа бројни. Исплатата на наследениот милионски долг беше огромен товар. Дополнително, се соочивме со обиди за рекетирање и изнудување од различни лица кои постојано се обидуваа да ни ја отежнат работата. И покрај тоа, останавме истрајни, се изборивме со притисоците и продолживме напред.


Успех и постигнувања – На што сте најгорди? Што сметате за Ваш најголем успех? Како придонесувате за економијата и заедницата? Како реагираат купувачите?


Извор стана препознатлив бренд за свежа и квалитетна македонска пастрмка. Купувачите го препознаваат и го бараат квалитетот што го поставивме како стандард на пазарот. Тоа за нас претставува најголема гордост и потврда дека упорноста и трудот секогаш се исплатат.

Заедница, традиција и иновации – Како ги комбинирате македонската традиција со модерните техники во вашето производство? Како Вашата работа придонесува за локалната заедница?


Ние се уште ја вршиме дејноста на традиционалниот начин на одгледување на риби. Имаме сопствени матици од кои мрестиме, (никогаш не увезуваме икра), ги растеме рибите и дистрибуираме до нашите големопродажни партнери. Иако постојат начини да се олесни работата, ние сеуште го правиме тоа на традиционалниот начин бидејќи само на овој начин ќе можеме да гарантираме висок квалитет на рибите и да ја заштитиме рибата од болести. Сите наши вработени доаѓаат од околните села и градови, а нашиот производ е присутен на семејните трпези ширум земјата за празници,слави и пости.

Поглед кон иднината – Кои се Вашите планови за развој? Што сметате дека треба да направи државата за да бидете уште поуспешни?


Од следната година очекуваме да започнеме со преработка и пакување на риба, со цел подобра конкурентност и поголеми можности за излез на странските пазари. Во последните неколку години разни трговци, па дури и производители на риба, увезуваат во Македонија пастрмка од Босна, Албанија, Косово и Турција. Овој увоз ја дестабилизира цената, бидејќи производителите од Босна и Турција добиваат субвенции од сопствените држави за извоз на пастрмка и од самиот почеток имаат пониска цена. Квалитетот на рибата не е на високо ниво но сепак влегува во големи количини и претставува ризик на домашното производство. Нашата држава може да ни го заштити производството со воведување на квоти за увоз на пастрмка од странство. Вакво нешто има воведено кај увозот на крап, но за жал не и за пастрмка. Со тоа ќе се помогне во развојот на домашното производство и ќе се осигура дека нашите граѓани ќе јадат свежа и квалитетна риба.

Порака до јавноста – Што би им порачале на младите? Кој е вашиот апел до потрошувачите?


На младите и на потрошувачите им порачуваме пред се да живеат здраво и да се чесни бидејќи така сите ќе просперираме во оваа држава. Да купуваат македонски производи, од македонски производители и секако да јадат пастрмка од „Извор”.


Мислење за кампањата „Македонско најдобро“ – Што значи за Вас? Дали придонесува? Што би сакале да видите понатаму?


Иницијативата на оваа кампања звучи одлично. Се надевам ако се имплементира се како што е предвидено и замислено, ќе има голем успех и за државата и за домашните производители. Едноставно е, ако самите не го цениме нашето, нема никој да ни го цени.

#Новини