Македонско

Успешна македонска приказна – СУПЕР ЈАЈЦЕ ДООЕЛ

Успешна македонска приказна – СУПЕР ЈАЈЦЕ ДООЕЛ

Успешна македонска приказна – СУПЕР ЈАЈЦЕ ДООЕЛ

СУПЕР ЈАЈЦЕ ДООЕЛ, сопственик Душко Ѓорчев, основана во 2013 година, седиште во с. Сопот, Кавадарци

Ваши почетоци – Раскажете за вашите почетоци во земјоделството/преработката. Што ве инспирирало да започнете? Како започна Вашата приказна?


Во областа на живинарството и производството на јајца сум целиот мој работен век. Се вработив на 24 години во групацијата „Жито Вардар”, најголема компанија во агроиндустријата во тоа време во Република Македонија, која беше и најголем производител на конзумни јајца. Почнав во комерција и веќе на 27 години станав директор на „Жи Ва” јајце, фирма која беше најголема кај нас, а и меѓу најголемите на Балканот во областа на живинарството. Овде научив многу, развив многу контакти со целиот свет и успешно менаџирав компанија која беше препознатлива не само кај нас туку и пошироко. Во 2009 година бев во Франција во посета на фабрика за течни јајца, каде што требаше да купиме опрема и да отвориме кај нас фабрика за пастеризирани течни јајца – меланж. По сплет на околности тогаш не се реализира тој проект, еве, оваа година го реализиравме како Супер јајце и започнавме со работа да произведуваме пастеризирани течни јајца.

Предизвици и пречки – Со какви предизвици се соочивте на почетокот? Како ги надминавте? Дали имавте поддршка?


Предизвици и тешкотии имаше многу. Двапати не одбиваа без причина од ИПАРД, иако имавме судска одлука во наша корист, Еднаш и од Фонд за иновации не одбија, а покомплетен и поиновативен проект - не виделе!

Околу самиот проект - фабрика, опрема, капацитети, стандарди, обука на вработени, имаше многу предизвици. Но со Божја помош, пред се со знаењето и љубовта кај нас успеавме да направивме фабрика која може да се натпреварува со европските, па дури и да биде подобра и поквалитетна.


Успех и постигнувања – На што сте најгорди? Што сметате за Ваш најголем успех? Како придонесувате за економијата и заедницата? Како реагираат купувачите?


Успеавме да инсталираме најнапредна технологија SANOVO, добивме висококвалитетен производ, пастеризирано течно јајце. Кондиторската индустрија кај нас го прифати со огромно задоволство, а веке имаме побарувачка и од Европа.

Со оваа фабрика се решава целокупниот вишок на конзумни јајца што се појавуваат на пазарот. Јајцата од Б класа сега имаат решение, а увозот на пастеризирани и јајца во прав ќе биде заменет со домашен производ кој е и поконкурентен и поквалитетен. Ова е добар стимул за нашата кондиторска индустрија да се развива и создава поконкурентни кондиторски производи.

Заедница, традиција и иновации – Како ги комбинирате македонската традиција со модерните техники во вашето производство? Како Вашата работа придонесува за локалната заедница?


Македонија е земја која има долга традиција во живинарството, имаме квалитетни јајца, што се основа за квалитетен меланж производ. Сега јајцата нема да се кршат рачно, туку во модерна фабрика каде што ќе се добива безбеден и квалитетен производ кој нема никаква разлика од вкусот и квалитетот на рачно скршеното јајце. Ова им ја олеснува работата на слаткари, пекари, ресторани, хотели, а за потрошувачите главните придобивки се безбедноста и квалитетот.


Поглед кон иднината – Кои се Вашите планови за развој? Што сметате дека треба да направи државата за да бидете уште поуспешни?


Продолжуваме понатаму, да го работиме она што го знаеме - јајцето, со Божја помош, напредуваме кон отворање нов погон за варење и лупење на јајца, линијата е веќе купена и пристигната, Во тек е и проект за отварање на линија за сушење на јајца за јајца во прав. Ова е тоа што веќе се реализира, а имаме во план уште нешто но за тоа ќе кажеме во друга прилика понатаму.

Очекуваме, бараме државата да продолжи со поддршка на инвестиции во нови проекти, со кофинансирање од околу 25-30%, како досега, Институциите треба да бидат вистински сервис за реализација на проектите, а не пречка. Особено ИПАРД – таму, наместо да помогнат, често бараат причина да одбијат проекти. Тоа мора да се смени ако сакаме да одиме напред и да бидеме конкурентни на европскиот пазар.

Порака до јавноста – Што би им порачале на младите? Кој е вашиот апел до потрошувачите?


На младите би им порачал да останат тука, но да патуваат низ светот за да учат нови работи и потоа да ги применуваат дома. Да работат со љубов и посветеност – така што ништо нема да им биде тешко. На почеток треба да бараат компании каде што можат да учат, да се развиваат, да посетуваат странски компании, саеми, постојано едуцирање и усовршување, ако бидат уште и трудољубиви и фокусирани, успехот е неминовен, а со тоа ќе дојде и материјалните придобивки – парите кои за жал на почетокот не можат да ги добијат во износ кој го очекуваат.


Мислење за кампањата „Македонско најдобро“ – Што значи за Вас? Дали придонесува? Што би сакале да видите понатаму?


Одлична е кампањата, треба да не поттикне да покажеме дека и ние, Македонците сме паметни, трудољубиви и знаеме да создадеме производи со кои можеме да се гордееме.

#Новини