Успешна македонска приказна – Зелена Република

Успешна македонска приказна – Зелена Република
„Органска Зелена Република“ е мал бизнис што се занимава со производство, продажба и промоција на органски производи и нивни преработки. Како компанија е регистрирана во 2015 година, од двајца претприемачи од Скопје, брат и сестра, Милица Петрушевска и Васил Петрушевски. Производствените капацитети на компанијата се наоѓаат во с. Орешани, Зелениково, на само 20-тина километри од Скопје. Петрушевци, како што често ги викаат, произведуваат, поврзуваат, продаваат, едуцираат. Во ова интервју, Милица ја раскажува нивната приказна.
Ваши почетоци – Раскажете за вашите почетоци во земјоделството/преработката. Што ве инспирирало да започнете? Како започна Вашата приказна?
Зелена Република е приказна што почна одамна, на местото што за нас беше повеќе од викендица – тоа беше нашето детство, секој викенд минат во природа. Токму таму се роди љубовта кон земјата, кон храната и кон природата. Родителите го негуваа градинарството и овоштарството – делумно како хоби, делумно за да растеме здрави и опкружени со природа и со здрава храна.
Се сеќавам на татко ми: кога ќе го здогледаше првиот узреан плод, нè викаше да го набереме заедно и веднаш да го вкусиме. Тоа чувство на радост и свеж вкус ми остана врежано засекогаш. Баба ми, пак, имаше речиси духовна врска со земјата – си разговараше со растенијата како со живи суштества, верувајќи дека треба да се негуваат и да се почитуваат. Таа тивка љубов ја пренесе и на нас. Денес, истата поврзаност ја носиме јас и брат ми продолжувајќи ја традицијата како наследство.
Како што течеше животот решивме таа љубов да ја претворивме во мал бизнис. Сакавме да споделиме страст, знаење и убедување: дека иднината – и здравјето – се крие токму во оваа почит кон природата и во храната што ја создава. Така се роди приказната за Зелената Република.
Предизвици и пречки – Со какви предизвици се соочивте на почетокот? Како ги надминавте? Дали имавте поддршка?
Едно е да замислиш бизнис, а сосема друго е да го реализираш. Едно е да мислиш дека знаеш, а сосема друго е тоа знаење да го преточиш во секојдневна работа. Јас сум магистер по филолошки науки, брат ми е системски оператор за Мајкрософт – професии многу далечни од земјоделството. Но, двајцата отсекогаш сме имале претприемачки дух, во низ професионалното искуство научивме многу и за водење проекти.
Но, и покрај тоа што бевме подготвени и потковани со многу знаење и животно искуство, брзо сфативме дека во суштината знаеме многу малку. Учењето ни стана секојдневие: учевме земјоделство, учевме финансии, продажба, организација. Паѓавме и повторно станувавме. Предизвиците беа постојани, доаѓаа еден по друг, и често не знаевме со кој најпрво да се фатиме во костец.
Се сеќавам на една пролет – снегот што падна од никаде, за само 40 минути ни ги урна сите пластеници. Инвестиција од неколку илјади евра, целосно насадени со рукола и спанаќ, подготвени за берба. Под извитканите железа беревме колку што можевме за да испорачаме. Беше тоа силен удар, но и голема лекција за издржливост.
Ковидот ни дојде веднаш потоа. Целиот бизнис-модел што го создадовме ни беше насочен кон супермаркети. Само што почнавме солидно да продаваме – за две недели, продажбата како со нож пресечена, речиси целосно запре. Но токму тогаш нашата адаптибилност нè спаси: за многу кратко време го преработивме целиот наш бизнис-модел, создадовме нови производи, најдовме нови канали. Среќа беше што беше пролет, па ја фативме сезоната.
Финансиските ограничувања, административните процедури, ограничените продажни канали – сите тие предизвици беа премногу на почетокот, а и денес понекогаш изгледаат како премногу. Но во тоа е убавината: со време и упорност учиш дека токму низ пречките се гради зрелоста и силата. Се расте, исто како што растението расте под условите што му се дадени.
Успех и постигнувања – На што сте најгорди? Што сметате за Ваш најголем успех? Како придонесувате за економијата и заедницата? Како реагираат купувачите?
Најголемата наша гордост е што од едно семејно катче полно со детски спомени изградивме бренд што денес го препознаваат и го поддржуваат многу луѓе. Зелена Република повеќе не е само нашата „шумичка“ (така си ја викавме како деца) – таа стана симбол на доверба, здрава храна и искрен однос кон природата и заедницата.
Во секојдневието, храната ја сфаќаме „здраво за готово“. Ретко кој размислува дека зад секоја цреша стои човек кој се качил на дрво да ја набере, или дека зад секој зеленчук стои работник кој часoви поминува во пластениците за да стигне храната свежа до трпезата. Комерцијалното производство, кое се потпира на хемија и масовност, ѝ ја одзема вистинската вредност на храната и ја крши врската помеѓу човекот и природата.
Дополнително, земјоделството кај нас често се потценува – се смета за работа на тие што не се доволно „паметни“ за интелектуални професии. А вистината е токму спротивното: земјоделството бара знаење и интуиција, способност за реагирање во кризни ситуации и носење брзи одлуки со недоволно информации. Тоа е динамична професија со вештини што нашите баби и дедовци ги имале, а ние денес постепено ги губиме – и токму тоа нè прави ранливи.
Затоа - настојуваме да покажеме дека храната е повеќе од производ.
Преку поддршка на локалното органско земјоделство вработуваме луѓе од нашата средина, соработуваме со органски производители и вложуваме во тоа секој денар вложен во нашите производи да остане во Македонија.
Нашата мисија е и едукативна: да потсетиме дека храната е инвестиција во здравјето и во иднината на земјата. Тука е и најважната порака – ретко кој ја гледа исхраната како суштинска превенција во здравството. Но, ако се храниме здраво и водиме здрав животен стил, тоа значи помалку ризици и помало оптоварување на здравствениот систем. Со секој избор на здрава храна, правиме добро не само за себе, туку и за целото општество.
Наш најголем успех е токму тоа што успеавме да изградиме искрен однос со потрошувачите. Нашите купувачи не се само клиенти – тие се заедница што ја споделува нашата филозофија. За време на Ковид-кризата, кога продажбата во супермаркети одеднаш запре, токму нивната доверба ни помогна не само да опстанеме, туку и да растеме. Тој пресврт ни покажа дека сме на вистинскиот пат.
И на крај, секое признание е важно, но најголемата награда за нас е кога луѓето ќе ни кажат дека доматот од Зелена Република мириса на детството, или дека децата „пројале“ спанаќ затоа што е свеж и вкусен. Тоа е успех што не се мери во бројки – тоа е нашата најголема мотивација да продолжиме.
Заедница, традиција и иновации – Како ги комбинирате македонската традиција со модерните техники во вашето производство? Како Вашата работа придонесува за локалната заедница?
Во Зелена Република постојано ја бараме рамнотежата помеѓу традицијата и современото. Од една страна, се потпираме на знаењето што со генерации се пренесува – начинот на кој нашите родители и баби и дедовци ја одгледувале храната, со почит кон ритамот на природата и со минимални интервенции. Од друга страна, користиме модерни техники на органско производство, внимаваме на плодоредот, употребуваме биолошки препарати и инвестираме во системи за наводнување што ја штедат водата и го олеснуваат трудот.
Факт е дека и брат ми и јас ѝ припаѓаме на генерација чии средношколски денови се совпаднаа со појавата на првите компјутери. Покрај љубовта кон земјата, отсекогаш сме имале љубов и кон технологијата – и таа ја вградивме во нашата работа уште од самите почетоци. Денес продаваме исклучиво онлајн, но секој што сака да види што купува и од каде доаѓа храната, може да нè посети секој викенд на нашите ниви. Ниту одлуката да градиме сопствен бренд не е случајна. Сакаме да покажеме почит кон производителите, кон храната и кон природата. Фактот што по професија сум јазичар ми помага токму во комуникацијата на брендот, во градењето на приказна што луѓето ја препознаваат.
Нашата работа значи заедница – вработуваме луѓе од локалната средина, соработуваме со органски производители и веруваме дека успехот е вистински само ако растеме заедно. Организираме средби со купувачите, едукативни настани за органското производство и посети на нашите ниви. Луѓето тука можат лично да ја почувствуваат врската со земјата и да сфатат дека храната не е само производ на полица – туку суштински дел од здравјето и еден цел вредносен систем што стои зад него.
Поглед кон иднината – Кои се Вашите планови за развој? Што сметате дека треба да направи државата за да бидете уште поуспешни?
Нашата визија е Зелена Република да стане препознатлив македонски бренд кој не нуди само здрава храна, туку и промовира одржливост како начин на живот. Во наредниот период сакаме да инвестираме во нови производи – преработки од зеленчук и овошје, традиционални македонски рецепти во современа форма, но и во дигитализација на продажбата за да бидеме уште поблиску до потрошувачите.
Веруваме дека вештачката интелигенција веќе има огромно влијание врз професиите. Многу од нив ќе изгубат значење или ќе бидат заменети, но земјоделството е една од ретките области што повеќе ќе добие отколку што ќе изгуби. Храната е суштинска и незаменлива – а технологијата може да помогне да ја произведуваме попрецизно, поодржливо и поекономично. Со дигитални алатки можеме да предвидуваме климатски ризици, да управуваме со наводнување и ѓубрење, да планираме посеви и да го оптимизираме пласманот и логистиката. На тој начин, вештачката интелигенција не ја заменува суштината на земјоделството – таа ја засилува вредноста на човековиот труд и знаење.
За да стане земјоделството атрактивна професија за младите, мора да се ослободиме од предрасудите дека тоа е работа за „неписмени“ или дека е само физички напор. Да, земјоделството е тешко, но и многу професии носат тежина – ништо полесно не е да стоиш во оперативна сала и да се бориш за човечки живот. Земјоделството, покрај трудот, бара и знаење, интуиција и способност за брзо донесување одлуки. Патем – и хирургот и земјоделецот се грижат за здравјето на човекот – едниот превентивно, другиот интервентно, кога веќе настанал проблемот.
Ќе има повеќе интерес за оваа професија тогаш кога вредноста на еден килограм компир ќе биде поголема од цената на пакетче мастика – кога ќе се признае трудот и знаењето на сите луѓе во синџирот што ја носат храната до нашата трпеза. Кога ќе се гордееме што сме земја што произведува храна. Кога ќе сфатиме колку сме ранливи ако не се потпреме на сопственото производство, особено за нешто толку суштинско како храната.
За да се постигне тоа, мора да работиме сите – државата со јасни и едноставни процедури, производителите со квалитет и посветеност, а купувачите со свесен избор. Само заедно можеме да изградиме систем што ќе ја врати храната таму каде што ѝ е местото – во срцето на здравјето, економијата и културата.
Порака до јавноста – Што би им порачале на младите? Кој е вашиот апел до потрошувачите?
На младите би им порачале да не се плашат од соништата, ниту од тежината на предизвиците. Земјоделството е тешко, но е и благородно – носи задоволство што малку професии можат да го дадат. Ако човек има љубов кон природата и упорност, секоја пречка може да се претвори во лекција и секој пад во нова сила.
На потрошувачите би им кажале дека секојпат кога ќе изберат македонски производ, тие не купуваат само храна – тие вложуваат во сопственото здравје, во достоинството на производителите и во иднината на земјата. Храната не е обична стока – таа е дел од нашата култура, нашето здравје и нашата заедничка одговорност. Наша традиција, наша гордост – тоа не е само слоган, туку реалност што секој од нас ја гради со секој свој избор.
Мислење за кампањата „Македонско најдобро“ – Што значи за Вас? Дали придонесува? Што би сакале да видите понатаму?
За нас кампањата „Македонско најдобро“ е повеќе од маркетинг – таа е признание и видливост за луѓето што со љубов и упорност го градат својот бизнис од нула. Таквите иницијативи ја зголемуваат свеста кај потрошувачите и потсетуваат дека македонските производи не се ништо помалку вредни од светските – напротив, тие носат автентичност и приказна што никој друг не може да ја реплицира.
Би сакале оваа иницијатива да се развива со уште поголем интензитет: да отвори можности за домашните производители да се вмрежуваат, заеднички да настапуваат на саеми и на меѓународни пазари, да добиваат поддршка во брендирањето и во дигитализацијата на своето производство. Само така „македонското најдобро“ може да стане и „светско најдобро“ – препознатливо, конкурентно и гордо носено насекаде.