Македонско

Успешна македонска приказна – Винарија Илиев

Успешна македонска приказна – Винарија Илиев

Успешна македонска приказна – Винарија Илиев

Локација: село Сопот, Кавадарци.

Винарија Илиев е приказна што започнува во лозјето. Нашето семејство со генерации живее поврзано со земјата, со грозјето и со трудот што го бара секој нов ден. Во 2005 година, Димче Илиев реши таа наследена љубов да ја преточи во винарија што ќе носи семејно име и семејна чест.

Сопот е местото каде што растевме, каде што ги научивме првите чекори меѓу лозите и каде што научивме дека доброто вино се создава долго пред бербата. Се прави со посветеност, почит и искрен однос кон земјата.

Денес винаријата ја продолжува Стојан Илиев, втора генерација, кој внесе современ пристап, нова енергија и желба нашите вина да ја раскажат приказната на Тиквешијата на начин кој се чувствува, а не само се дегустира. За нас, секое шише е дел од нашата историја, дел од нашето семејство и дел од земјата што не израсна.

Ваши почетоци – Раскажете за вашите почетоци во земјоделството/преработката. Што ве инспирирало да започнете? Како започна Вашата приказна?


Нашето семејство отсекогаш живеело од земјоделие и работело земјоделие. Тоа беше наше секојдневие и начин на живот, а од тие години го носиме најважниот принцип: дека производството на храна е највредниот труд, затоа што создаваш нешто што му служи на човекот. Со години одгледувавме различни култури, но желбата да изградиме нешто свое и трајно не насочи кон лозарството.

Во 2000 година го засадивме првото лозје со каберне совињон, а следната година (2001) засадивме и вранец. Тоа беше моментот кога решивме дека лозарството е патот на кој сакаме целосно да се посветиме. Во 2005 година го направивме нашето прво вино, што само ја потврди нашата одлуката и ни го отвори патот кон денешната винарија.

Нашата инспирација отсекогаш била многу едноставна: желбата да создадеме нешто свое, чесно и долготрајно. Земјата не научи дека секој труд се враќа, ние само решивме да останеме верни на тоа.

Предизвици и пречки – Со какви предизвици се соочивте на почетокот? Како ги надминавте? Дали имавте поддршка?


На почетокот се соочувавме со предизвици какви што има секој земјоделец што започнува од нула. Финансиските потешкотии беа неизбежни бидејќи сè се вложуваше во земјата и во новите насади. Истовремено, административните процедури беа сложени, законите за винарството многу по строги, а работата во земјоделството тогаш беше далеку потешка без модерни алатки и дигитални системи што денес го олеснуваат секојдневието. За откупот, цените и пласманот моравме сами да се снаоѓаме, без многу поддршка и насоки.

Работата под отворено небо секогаш носи ризик. Имало години кога временските услови ни носеле штета, но имало и берби што ни ја враќале силата и увереноста дека го правиме вистинското нешто. Тоа искуство не обликува.

Она што не држеше обединети и што не носи и ден денес е семејството. Работевме и се уште работиме заедно, со заеднички труд, помош и вложување. Секој член има своја улога и своја одговорност, и токму таа заедничка сила ни овозможи да продолжиме напред, без разлика на предизвиците.

Успех и постигнувања – На што сте најгорди? Што сметате за Ваш најголем успех? Како придонесувате за економијата и заедницата? Како реагираат купувачите?


Горди сме што веќе дваесет години сме меѓу значајните производители на грозје во Тиквешијата. Нашиот развој никогаш не застанал и секогаш сме чекореле напред со сопствен труд и со јасна визија. Пред околу седум години ги подигнавме нашите нови лозови насади со метални конструкции, нешто што тогаш беше вистинска новина во македонското лозарство. Со модерна механизација и прецизна грижа успеавме да создадеме лозја кои денес се наш најголем капитал.

Со текот на годините добивме многу признанија за нашите вина, наше најзначајно признание е дуплото злато на Balkans International Wine Competition, каде што нашето Ред Антлер беше избрано за најдобро вино од Македонија за 2024 година. Тоа признание ја потврди нашата посветеност и квалитет што го градиме со години.

Кон економијата и заедницата придонесуваме преку одговорно, целосно домашно производство. Се што правиме е поврзано со локалната средина и со луѓето со кои работиме и соработуваме. Веруваме дека секој семеен бизнис што расте создава вредност и за местото од кое потекнува.

Реакциите на купувачите ни се најчистата потврда дека сме на вистинскиот пат. Го препознаваат квалитетот, трудот и континуитетот, и токму таа поддршка ни дава сила да продолжиме да создаваме вина што ја носат нашата приказна и нашето име со гордост.

Заедница, традиција и иновации – Како ги комбинирате македонската традиција со модерните техники во вашето производство? Како Вашата работа придонесува за локалната заедница?


Во нашето производство традицијата е основата, а модерното е алатката. Од семејството ја наследивме љубовта кон лозјето и начинот на кој се работи земјата, а денес со современи техники, подобрена механизација и прецизна грижа само го извлекуваме најдоброто од тоа што го дава тероарот. Така вкусот останува наш, а квалитетот расте со времето.

Нашата работа е природно поврзана со местото во кое живееме. Се што правиме се случува тука: земјата, производството, соработките, целиот развој. Тоа создава реална вредност за локалната средина, а за нас е важно што нашиот напредок секогаш останува во рамките на заедницата што не израсна.

Поглед кон иднината – Кои се Вашите планови за развој? Што сметате дека треба да направи државата за да бидете уште поуспешни?


Нашиот поглед кон иднината е насочен кон континуиран развој и унапредување на работата, со фокус на квалитет, стабилност и одржливост. Веруваме дека модерното земјоделство бара постојано усовршување, внимателно планирање и вложување во практики што на долг рок ќе донесат повисока вредност во секој дел од производствениот процес. Затоа внимателно ги градиме следните чекори, вложувајќи ја енергијата таму каде што најмногу се чувствува ефектот. Во лозјето и во квалитетот на грозјето. Следиме современи трендови, постепено воведуваме нови решенија и градиме визија што не се темели само на моментални потреби, туку на стабилна иднина. Најважно ни е да создадеме производ кој ќе биде препознатлив, доследен и вреден за почит.

Од друга страна, убедени сме дека државата има огромна улога доколку сака земјоделието да стане вистинска стратешка гранка. ИПАРД програмите се силна алатка за развој, но во пракса за многу земјоделци тие остануваат недостижни. Процедурите се тешки, процесите предолги, а ризикот голем. Би сакале да видиме поедноставени постапки, посериозна советодавна поддршка и механизми за предфинансирање, за да не мора земјоделецот прво сам да го изнесе целиот товар, па потоа да чека враќање на средства. Ако веќе постојат европски пари за развој, треба навистина да стигнат до оние што навистина произведуваат.

Сметаме дека државата еднаш засекогаш треба да сфати дека Македонија може да биде силна земјоделска земја. Имаме богата почва и одлични услови да се произведуваат најразлични култури, а со вистинска поддршка македонските производи може да бидат прв избор и дома и надвор. Тоа значи посериозна промоција и заштита на домашното производство, поддршка за македонските производители во трговските ланци, угостителството и јавните набавки, како и поттикнување на извозот, а не само краткорочни мерки.

Потребно е и долгорочно решавање на инфраструктурните предизвици. Сигурното водоснабдување, модерните системи за наводнување и создавањето одржливи извори на вода се предуслов за стабилно земјоделство. Во светот постојат многу успешни примери каде со паметно управување со водата, со современи технологии и со системски инвестиции се постигнува висока продуктивност дури и во најтешки услови и суша. Кај нас е време овие решенија да станат реалност, а не само потреба што се повторува од година во година.

Голем потенцијал има и во развојот на винскиот туризам. Со добро осмислени вински патишта, со подобри пристапни патишта, јасна и координирана промоција, цели региони можат да оживеат и да станат препознатливи дестинации. Виното носи приказни, традиција и култура, а тоа може да биде двигател на локалниот развој ако се изгради систем кој ги поврзува винариите, угостителството и туристичката понуда.

Нашата задача како производители е да продолжиме да вложуваме во квалитет, да учиме, да се развиваме и да ја одржуваме довербата што ја градиме со години. Свесни сме дека напредокот бара многу работа, но и јасна визија. Задачата на државата е да создаде стабилни услови за развој, достапни програми за модернизација, инфраструктура што функционира и поддршка што ќе го цени трудот на секој што произведува.

Доколку секој ја исполни својата улога, Македонија може да го претвори својот природен потенцијал во силна земјоделска приказна, а ние сме подготвени да бидеме дел од таа иднина.

Порака до јавноста – Што би им порачале на младите? Кој е вашиот апел до потрошувачите?


Нашата порака до младите е едноставна: иднината не се гради само зад екраните. Земјоделството е работа што создава вистинска вредност. Тоа е професија што бара знаење, одговорност и труд, но носи резултати што ниту една технологија не може да ги замени. Вештачката интелигенција може да помогне, но не може да засади, да негува и да оживее лозје. Затоа е важно младите да гледаат кон земјата како кон можност, а не како кон нешто за исмевање. Секоја генерација што ќе ја научиме од мали нозе да ја почитува храната и оние што ја произведуваат, ќе создаде подобро општество.

Кон потрошувачите, нашиот апел е да го ценат домашното производство. Зад секое шише и зад секој македонски производ стои труд, знаење и чесна работа. Кога го поддржуваме домашното, поддржуваме квалитет, луѓе и иднина. Понекогаш тоа што е направено дома е поскапо, но секогаш е поискрено и повредно.

Почитта кон производителите е почит кон сопствената земја.

Мислење за кампањата „Македонско најдобро“ – Што значи за Вас? Дали придонесува? Што би сакале да видите понатаму?


Кампањата „Македонско најдобро“ ја гледаме како позитивен чекор напред, особено затоа што конечно се става фокус на земјоделците и производителите како основа на домашната економија. Ова е нова иницијатива и веруваме дека со време може да донесе вистински ефект, ако се гради доследно и со јасна стратегија. Добро е што некој конечно се сети дека зад секој македонски производ стојат луѓе, труд и сериозна работа.

Би сакале кампањата да продолжи да се развива со поголема видливост, со вистински приказни, со вистински примери и со конкретна поддршка за сите што произведуваат. Ако оваа кампања успее да ја подигне свеста кај потрошувачите, да го охрабри купувањето домашно и да го зајакне угледот на македонските производи, тоа ќе биде голем придонес и за економијата и за секој од нас што работи на терен.

Се надеваме дека ова е само почеток – и дека понатаму ќе се вложи уште повеќе во промоција, едукација и вистинска поддршка која ќе го прикаже македонското производство како нешто што заслужува почит и внимание.

#Новини