Успешна македонска приказна – Bianca
Успешна македонска приказна – Bianca
Bianca е мал семеен бизнис, лоциран во с.Ложани во Струшкиот регион, кој започна со производство на ладно цедено масло од лешник во 2021 година. Иако неодамна се ребрендиравме од поранешното име „Перески“ во „Bianca“, традицијата и семејна сопственост остануваат исти. На задната етикета и понатаму стои дека производител е „ладно цедено масло од лешник Перески“, а новиот визуелен идентитет на предната етикета го претставува модерниот правец во кој се движиме.
Ваши почетоци – Раскажете за вашите почетоци во земјоделството/преработката. Што ве инспирирало да започнете? Како започна Вашата приказна?
Нашата приказна започна од големата желба да создадеме природен, здрав и автентичен производ со локално потекло. Првично започнавме со одгледување лешници за сопствени потреби, но брзо сфативме дека квалитетот е исклучителен и дека постои вистинска можност да понудиме нешто уникатно на пазарот. Тоа што не инспирираше беше идејата дека од македонската почва може да произлезе производ што може да стои рамо до рамо со најдобрите европски масла.
Предизвици и пречки – Со какви предизвици се соочивте на почетокот? Како ги надминавте? Дали имавте поддршка?
Како и секоја мала семејна иницијатива, почетокот беше исполнет со предизвици: набавка на соодветна опрема, наоѓање пазар, создавање доверба кај купувачите и справување со административни процедури. Најголем предизвик беше да направиме висококвалитетно масло со стабилен вкус и мирис. Со тестирања и учење успеавме да создадеме производ со кој навистина се гордееме. Поддршката од локалната заедница беше значајна – особено позитивниот збор од човек на човек.
Успех и постигнувања – На што сте најгорди? Што сметате за ваш најголем успех? Како придонесувате за економијата и заедницата? Како реагираат купувачите?
Најгорди сме на фактот што „Bianca“ е производ во кој купувачите веднаш ја препознаваат природноста и чистотијата. Нашето масло се користи и за храна и за козметички цели, што го зголеми интересот и придонесе за брзо ширење на брендот. Како мал семеен бизнис, ние директно го поддржуваме локалното земјоделство и ја стимулираме економијата во регионот. Купувачите реагираат исклучително позитивно – најчеста пофалба е дека вкусот е „вистински“, а мирисот автентичен и природен, за разлика од индустриските масла.
Заедница, традиција и иновации – Како ги комбинирате македонската традиција со модерните техники во вашето производство? Како вашата работа придонесува за локалната заедница?
Ние сме првите во регионот што започнаа со производство на масло од лешник, па нашата приказна не се темели на стара традиција, туку на визија. Се трудиме да ја задржуваме автентичноста преку користење природни, свежи лешници од македонска почва. Истовремено, користиме современа опрема за ладно цедење за да го задржиме квалитетот, хранливите вредности и чистотата на маслото. На овој начин, традицијата и модерните техники одат рака под рака.
Придонесуваме за заедницата преку локални соработки, вработување сезонски работници, поддршка на локални земјоделци и промовирање на македонски производи.
Поглед кон иднината – Кои се вашите планови за развој? Што сметате дека треба да направи државата за да бидете уште поуспешни?
Во иднина планираме да го прошириме производството, да воведеме дополнителни производи на база на лешник и да го извеземе брендот „Bianca“ надвор од Македонија. Целта ни е да изградиме силен македонски бренд кој ќе биде препознатлив по квалитет.
Од државата очекуваме подобра поддршка за малите производители: олеснети процедури, поголема достапност до грантови, намалени административни трошоци и повеќе програми за промоција на македонските производи на меѓународни пазари.
Порака до јавноста – Што би им порачале на младите? Кој е вашиот апел до потрошувачите?
На младите би им порачале да не се плашат да започнат сопствен бизнис. Потребни се храброст, упорност и љубов кон она што го создавате. Македонија има огромен потенцијал, особено во земјоделството и преработката.
На потрошувачите им упатуваме благодарност и апел да продолжат да ги поддржуваат домашните производи. Секое купување локален производ значи поддршка за нечиј труд, семејство и иднина.
Мислење за кампањата „Македонско најдобро“ – Што значи за Вас? Дали придонесува? Што би сакале да видите понатаму?
Кампањата „Македонско најдобро“ ја гледаме како важен поттик за малите производители. Таа ја зајакнува свеста за тоа дека македонските производи можат да бидат квалитетни, природни и конкурентни. Би сакале да видиме уште повеќе активности за промоција, вмрежување на производителите и поддршка за влез на странските пазари.
