Успешна македонска приказна – Бојан Ѓорѓиевски
Успешна македонска приказна – Бојан Ѓорѓиевски
Сопственик и управител на АЛБО ГС ДООЕЛ С.КУЧКОВО, СКОПЈЕ, основана во 2006 година.
Претседател на Здружението на производители на свинско месо „МАКЕДОНСКО ПРАСЕ“
Ваши почетоци – Раскажете за вашите почетоци во земјоделството/преработката. Што ве инспирирало да започнете? Како започна вашата приказна?
Земјоделието е традиција и од страната на мајка ми и од страната на татко ми. Нашата фарма е основана во 2003 година со само две маторици, првенствено како хоби и желба нашето семејство да консумира здрава и квалитетна храна. Со текот на времето, љубовта кон оваа работа прерасна во сериозно производство и семеен бизнис.
Предизвици и пречки – Со какви предизвици се соочивте на почетокот? Како ги надминавте? Дали имавте поддршка?
На почеток најважно беше да ја научиме психологијата на животните и правилниот пристап кон нивното одгледување. Потоа следуваше здравствената заштита, бидејќи нашето мото отсекогаш било: „Фармата е превенција, а не лекување“.
Постојано читавме стручна литература и се консултиравме со поискусни колеги ветеринари, агрономи. Учевме каква храна е најсоодветна за секоја возраст, како функционира генетиката и како правилно се организира производството.
Кога фармата почна да расте, дојдоа и нови предизвици – условите за благосостојба на животните, вентилацијата, ладењето и целокупната технологија. Денес, ако сакате квалитетен производ и добра продуктивност, мора постојано да чекорите напред заедно со технологијата.
Успех и постигнувања – На што сте најгорди? Што сметате за ваш најголем успех? Како придонесувате за економијата и заедницата? Како реагираат купувачите?
Најгорди сме што повеќе од 20 години произведуваме квалитетно домашно свинско месо за македонскиот пазар, без употреба на антибиотици и други штетни супстанции.
Посебно ме радува тоа што секоја година производството се зголемува и што имаме поддршка од Министерството за земјоделие преку субвенции, рурални мерки и ИПАРД програмите.
Исто така, значајно е што сите ресурси што ни се потребни – житарици, транспорт, премикси – ги набавуваме од македонски компании. Со тоа директно придонесуваме парите да останат во домашната економија.
Најголемата потврда за нашиот труд се позитивните реакции од потрошувачите, кои го препознаваат квалитетот и нашата посветеност.
Заедница, традиција и иновации – Како ги комбинирате македонската традиција со модерните техники во вашето производство? Како вашата работа придонесува за локалната заедница?
Традицијата и иновацијата мора да одат рака под рака. Без традицијата, иновацијата нема корен, а без модерниот пристап нема напредок.
Нашата работа придонесува и за локалната заедница – особено преку ангажирање сезонски работници и преку 100% откуп на македонски житарици. Веруваме дека домашното производство треба да се развива со почит кон традицијата, но и со примена на современи стандарди и технологии.
Поглед кон иднината – Кои се вашите планови за развој? Што сметате дека треба да направи државата за да бидете уште поуспешни?
Во моментов сме задоволни од поддршката што ја добиваме од институциите и веруваме дека со ваква поддршка производството ќе продолжи да расте и во иднина.
Сметам дека фокусот на државната помош треба уште повеќе да биде насочен кон професионалците и луѓето кои вистински живеат од земјоделството и искрено ја сакаат оваа дејност. Само така може да се обезбеди поголемо домашно производство и стабилен развој на сите земјоделски сектори.
Порака до јавноста – Што би им порачале на младите? Кој е вашиот апел до потрошувачите?
Мојата порака е граѓаните да ја зголемат свеста за купување и консумирање на македонски производи – без разлика дали станува збор за месо или јајца.
Со секој купен домашен производ, директно ги поддржуваат македонските производители да продолжат да создаваат, инвестираат и да останат на патот што го градат со години.
Мислење за кампањата „Македонско најдобро“ – Што значи за вас? Дали придонесува? Што би сакале да видите понатаму?
„Македонско најдобро“ е иницијатива што му недостасуваше на домашниот фармер. Ова е одлична можност за промоција на македонските производи и за полесен пласман на пазарот.
Верувам дека во иднина треба уште повеќе да се развива и надградува, бидејќи домашното производство заслужува силна и континуирана поддршка.
