Успешна македонска приказна – Бучен Козјак
Успешна македонска приказна – Бучен Козјак
Бучен Козјак ДОО е семејна македонска компанија со седиште во Куманово, основана во 1983 година. Денес претставува еден од водечките производители на млечни производи во земјата, со современ производствен погон, домашен капитал и целосно македонски бренд. Компанијата е горд претставник на домашното млекопроизводство и симбол на традиција, квалитет и иновација.
Ваши почетоци – Раскажете за вашите почетоци во земјоделството/преработката. Што ве инспирирало да започнете? Како започна Вашата приказна?
Приказната на Бучен Козјак започна од љубов кон земјата, претприемачкиот дух на основачите и желбата да се создаде природен, здрав и вкусен производ кој ќе го претставува македонскиот квалитет. Првите чекори беа скромни – со мала количина млеко и многу ентузијазам. Со текот на годините, вложувањето во знаење, технологија и луѓе ја претвори оваа семејна идеја во силен бренд кој секојдневно е дел од македонските трпези.
Предизвици и пречки – Со какви предизвици се соочивте на почетокот? Како ги надминавте? Дали имавте поддршка?
Патот не беше лесен – пазарните услови, тогашна СФРЈ и неможноста за формирање на приватни претпријатија и единствена можност за започнување на бизнис во форма на занаетчиски дуќан. Подоцна, нестабилноста во земјоделството и потребата од постојани инвестиции беа најголемите предизвици. Но, вербата во сопствената визија, поддршката од семејството и тимот, како и довербата на потрошувачите, беа клучните двигатели. Со континуирано вложување во модерни технологии, строга контрола на квалитетот и силна организациска култура, Бучен Козјак ги надмина сите препреки и се позиционира како синоним за сигурен и стабилен домашен бренд.
Успех и постигнувања – На што сте најгорди? Што сметате за Ваш најголем успех? Како придонесувате за економијата и заедницата? Како реагираат купувачите?
Најголем успех на Бучен Козјак се луѓето – вработените, партнерите и потрошувачите кои со години ја делат истата вредност: доверба и квалитет! Компанијата активно придонесува кон домашната економија преку соработка со домашни фармери, поддршка на земјоделството и создавање нови работни места. Купувачите ја ценат препознатливоста, постојаниот вкус и искрената порака дека „домашното е најдобро“. Нивната четиридецениска доверба е најголемото признание за нас.
Заедница, традиција и иновации – Како ги комбинирате македонската традиција со модерните техники во вашето производство? Како Вашата работа придонесува за локалната заедница?
Во сржта на производството е македонската традиција – начинот на правење кисело млеко, јогурт и сирење според старите рецепти, но со современи технологии кои гарантираат квалитет и безбедност. Бучен Козјак постојано инвестира во дигитализација, автоматизација и нови производни линии, но не ја заборава автентичноста. Со бројни донации, поддршка на училишта, спортски настани и општествени иницијативи, компанијата е активен сојузник на локалната заедница.
Поглед кон иднината – Кои се Вашите планови за развој? Што сметате дека треба да направи државата за да бидете уште поуспешни?
Во иднина, Бучен Козјак планира проширување на производниот асортиман со функционални млечни производи, како и присуство на странските пазари. Целта е Македонија да се препознае по квалитетен домашен бренд кој може рамноправно да се натпреварува со европските производители. Државната поддршка во делот на субвенции, инфраструктура, поврат на инвестиции и промоција на домашното производство е клучна за понатамошен раст и развој.
Порака до јавноста – Што би им порачале на младите? Кој е вашиот апел до потрошувачите?
На младите им порачуваме - верувајте во себе, во својата земја и во силата на трудот. Македонија има потенцијал, а иднината ја создаваат оние што остануваат, работат и сонуваат тука. Не постои поголемо задоволство од тоа да изградите нешто свое, македонско, кое ќе биде препознаено и ценето. Бидете храбри, истрајни и горди што сте дел од земја со големо срце и чисти вредности.
На потрошувачите им порачуваме - секојпат кога ќе одберете домашен производ, вие ја поддржувате Македонија. Го поддржувате трудот на нашите земјоделци, работниците во фабриките, семејствата што живеат од оваа земја. Вашата доверба е најголем поттик за сите нас, да продолжиме да создаваме со квалитет, љубов и одговорност.
Мислење за кампањата „Македонско најдобро“– Што значи за Вас? Дали придонесува? Што би сакале да видите понатаму?
Кампањата „Македонско најдобро“ е важна потврда дека домашното производство има вредност и иднина. Таа ја јакне свеста кај граѓаните и создава национална гордост. Бучен Козјак ја поддржува оваа иницијатива и верува дека преку заеднички настап на производителите и институциите, македонските производи ќе станат препознатливи и надвор од границите на државата.