Успешна македонска приказна – Марјан Филипов
Успешна македонска приказна – Марјан Филипов - Неготино (Домашен производител на гроздов мед-МАЏУН)
Од нашите лозја, со љубов и традиција. Ние сме производители на грозје и преработувачи на маџун – природен, без додатоци, варен по стар македонски рецепт
Во срцето на македонската земја, во плодната Тиквешка котлина, се раѓа нашата семејна приказна – приказна за љубов кон традицијата, природата и македонското наследство. Семејството Филипов од Неготино со генерации наназад го произведува домашниот маџун – еден од најстарите и највредни природни производи на нашата земја.
Маџунот, познат уште од дамнина како „македонскиот природен еликсир“, се прави со часови внимателно варење на гроздов сок, без никакви додатоци. Овој процес, стар повеќе од илјада години, се пренесува од колено на колено, сочувувајќи ја автентичноста на вкусот и лековитоста што го красат овој производ уште од времињата кога служел како и природен лек во народната медицина.
Нашето семејство со гордост ја продолжува оваа традиција,почнувајќи од 2015 година, подготвувајќи го маџунот на истиот начин како што го правеле нашите баби и дедовци – на тивок оган, во големи шерпи, со многу трпение, знаење и љубов. Секое тегличе што го произведуваме е спој на историја, природна чистота и македонски дух, создадено токму тука – во Неготино, каде сонцето, лозјата и традицијата живеат заедно.
Ваши почетоци – Раскажете за вашите почетоци во земјоделството/преработката. Што ве инспирирало да започнете? Како започна Вашата приказна?
Нашата приказна започнува скромно, но со длабоки корени. Потекнуваме од земјоделско семејство кое со децении наназад се грижи за лозовите насади во Тиквешијата – крај познат по своето плодородие, сонце и традиција. Уште од мали нозе растевме опкружени со мирисот на зрело грозје, , слушајќи ги приказните и вкусувајќи го нивниот маџун на нашите баби и дедовци за времињата кога маџунот бил неизоставен дел од секое домаќинство.
Токму тие приказни, таа љубов и почит кон традицијата, нè инспирираа да започнеме со преработка на грозје на стар, автентичен начин – без хемија, без брзање, со срце. Нашата желба беше да го сочуваме старото знаење и повторно да му го вратиме местото на маџунот – како природен засладувач и како лек од природата.
Започнавме во мало – со една шерпа и голема волја. Првите теглички ги подготвувавме за семејството и најблиските, и од година во година го зголемуваме производството , а денес нашиот маџун стигнува до сè повеќе луѓе кои ја препознаваат вредноста на тоа што го создаваме. Не води љубовта кон домашното, искреното, традиционалното – и вербата дека вистинските работи секогаш ќе си го најдат патот до луѓето.
Предизвици и пречки – Со какви предизвици се соочивте на почетокот? Како ги надминавте? Дали имавте поддршка?
Иако немавме големи услови, со труд и семејна посветеност, од нашите лозја и убавото грозје успеавме да направиме нешто свое – домашен маџун. Без голема поддршка, но со многу љубов и работа, го претворивме грозјето во традиција што се пренесува.
Друг голем предизвик беше како да го пласираме производот – денес луѓето се навикнати на индустриски, брзи производи, а ние нудиме нешто сосема поинакво: природен, рачно направен маџун. Мораше да го едуцираме пазарот, да објаснуваме зошто ова е повредна, поздрава алтернатива, и зошто вреди да се избере традицијата наместо масовното.
Финансиски, почетоците беа тешки – работевме со ограничени средства, сами си ги набавувавме сите материјали, работни машини. Но тука најмногу се покажа вредноста на семејната поддршка. Работевме заедно – сите: млади и стари, секој со свој удел. Без таа поддршка, немаше да можеме да истраеме.
Со многу трпение, труд и љубов, ги надминавме сите почетни препреки. Денес, кога гледаме како луѓето повторно се враќаат кон природното и бараат нешто што е „направено со душа“, знаеме дека сме на вистинскиот пат.
Успех и постигнувања – На што сте најгорди? Што сметате за Ваш најголем успех? Како придонесувате за економијата и заедницата? Како реагираат купувачите?
Најмногу сме горди што од нашето грозје создаваме природен маџун кој луѓето го препознаваат и го ценат. Иако сме мало семејно производство, задоволството на купувачите ни е најголемиот успех и поттик да продолжиме.
Поглед кон иднината – Кои се Вашите планови за развој? Што сметате дека треба да направи државата за да бидете уште поуспешни?
Нашата желба е да продолжиме по ист пат – со многу љубов да ја чуваме македонската традиција и да го нудиме најдоброто од природата. Би ни значела поголема поддршка за малите производители, за да можеме полесно да го споделиме нашиот маџун со повеќе луѓе во Македонија и пошироко.
Наши планови за развој:
- Проширување на производството – инвестиции во подобра опрема за преработка и пакување, со цел зголемување на капацитетот, но без да се наруши квалитетот и традиционалниот начин на подготовка.
- Диверзификација на производи – планираме да развиеме и нови производи базирани на маџун, како природни сирупи, слатки намази или здравствени додатоци.
- Развој на бренд и приказна – изградба на силен визуелен идентитет и промоција на маџунот како дел од македонската гастрономска и културна традиција.
- Отворање на едукативен агро-туристички пункт – каде туристи и посетители ќе можат да го видат процесот на подготовка на маџунот, да дегустираат и да научат повеќе за традицијата.
Што очекуваме од државата:
- Поддршка за мали производители – финансиски грантови и субвенции за набавка на опрема, сертификација .
- Поедноставени административни процедури – особено за регистрација на производи, добивање дозволи и исполнување на стандарди.
- Промоција на македонските традиционални производи на меѓународно ниво – преку саеми, трговски мисии и државна поддршка за извоз.
- Поддршка за агро-туризам – регулации и фондови кои ќе помогнат производителите да ги отворат своите капацитети за туристи и посетители.
- Образование и менторство – програми за младите од руралните средини за претприемништво, преработка на храна и маркетинг.
Веруваме дека со здрава соработка меѓу производителите и локалната власт и државната власт можеме не само да го зачуваме маџунот како дел од нашето наследство, туку и да го претвориме во економски одржлив и интернационално препознатлив производ.
Порака до јавноста – Што би им порачале на младите? Кој е вашиот апел до потрошувачите?
Драги млади,
Во времето кога светот се движи со голема брзина, ви порачуваме да не ги заборавите корените и традицијата. Домашниот маџун не е само производ – тоа е дел од нашата култура, наша историја и начин на живот кој го чуваме со љубов и посветеност. Ги повикуваме младите да го поддржат домашното производство, да избираат квалитет и автентичност, да ги ценат вкусот и хранливите вредности на традиционалните производи.
Апел до сите потрошувачи:
Избирајте домашно, бирајте квалитет! Поддршката на домашните земјоделски производи и преработки значи поттикнување на локалната економија, зачувување на работни места и задржување на младите во руралните средини ,одржување на традиционалните занаети. Со секој купен домашен маџун, ја чувате нашата култура и придонесувате за посилна и побогата заедница.
Заедно можеме да изградиме подобра иднина, почнувајќи од малите, но значајни избори.
Мислење за кампањата „Македонско најдобро“ – Што значи за Вас? Дали придонесува? Што би сакале да видите понатаму?
За мене, кампањата „Македонско најдобро“ е многу значајна иницијатива која ја истакнува вредноста на домашните производи и ја поттикнува свеста кај потрошувачите да го поддржат македонското производство. Оваа кампања не само што го афирмира квалитетот и автентичноста на нашите производи, туку и ги поврзува потрошувачите со традицијата, културата и трудот на македонските производители.
Во мое мислење, кампањата значително придонесува за зголемување на интересот кон домашните брендови и помага во јакнењето на локалната економија. Таа ја гради довербата кај потрошувачите и ги охрабрува да ги избираат македонските производи пред увозните.
Понатаму, би сакал да видам уште поинтензивна промоција на домашните производи, со особено внимание на младите и на новите технологии кои може да ги поврзат традиционалните вредности со современиот начин на живот. Исто така, би било добро да се развиваат повеќе едукативни активности и кампањи кои ќе ги поддржат иновативните производители и ќе го охрабрат претприемништвото во Македонија.
Верувам дека со заеднички напори и континуирана поддршка, „Македонско најдобро“ може да стане бренд на кој ќе се гордееме сите.